Прилеп станува вистинска мета за странски и домашни инвеститори

1-640x462

Економијата е една од најважните работи која моментално ги интересира граѓаните. За прв пат годинава во Прилеп влезе американскиот гигант од автомобилската индустрија „Гентерм“, инвестиција вредна околу 20 милиони евра. Колкав ќе биде бенефитот за Прилеп од влезот на Гентерм и отворањето на ТИРЗ „Прилеп“ ?

М.Р. –  Тоа беше еден заеднички проект со Владата на Р. Македонија околу донесувањето на планот и изградата на ТИРЗ „Прилеп“ и тоа ќе биде еден од главните адути на нашиот град во иднина тука да се привлечат голем број странски мултинационални компании кои ќе отворат свои погони во оваа зона, користејќи ги тука секако и бенефитите што ги нуди таа зона. Мразот за разработувањето на таа зона го скршивме со големата мултинационална компанија „Гентерм“ која произведува делови за најпознатите светски марки на автомобили. Моментално се изгради погон со површина од неколку илјади метри квадратни, каде веќе работат околу 700 луѓе, но тоа нема да биде крајната бројка, се планира за околу година и половина таа бројка да достигне и до 2.000 вработени лица во „Гентерм“.

Исто така оваа компанија планира да направи доградба на уште две нови хали, со што во иднина вкупната покриена површина со погони од „Гентерм“ во ТИРЗ „Прилеп“ би достигнала некаде околу 22.000 до 25.000 метри квадратни. Станува збор за највисока технологија која што е поврзана со автомобилската индустрија и тоа не само што ќе овозможи егзистенција на околу 2.000 фамилии во Прилеп, туку преку оваа фабрика индиректно бенефит би имале најмалку уште 500 луѓе преку услужните дејности кои ќе ги нудат на оваа компанија, како превоз, обезбедување, одржување хигиена и слично. Што значи вкупната бројка на вработување од „Гентерм“ и директни и индиректни би достигнала околу 2.500 лица.

 

genterm-640x427

Бенефит од оваа инвестиција е и тоа што повеќе групи на прилепчани беа пратени на обука во Украина, каде исто така „Гентерм“ има своја фабрика, што значи дека сега во градот имаме високо квалификувани кадри кои знаат да работат со ваква модерна технологија.

За да функционира пак оваа зона Владата нормално преку Дирекцијата за ТИРЗ инвестираа повеќе од 1 милион евра за изградба на инфраструктура во зоната како, патна инфраструктура, водовод, канализациони системи, се донесе електрична енергија, оптички кабли за интернет и се она што е потребно за да може да функционира зоната.

До каде е изградбата на најавуваната фабрика на германски Акомпласт ?

М.Р. – Со поставувањето на таа целокупна инфраструктура што ја наброив претходно оваа зона стана доста атрактивна и за други странски инвеститори. Моментално до самиот објект на „Гентерм“ се гради и објектот на германската компанија „Акомпласт“, сметам дека градежните активности се при крај и дека со внесувањето во фабриката на потребната опрема и оваа компанија за многу кратко време ќе започне со работа. Крајната бројка на овој капацитет би стигнала од 150 до 200 вработени лица. Инаку постојано во зоната, преку луѓето од Владата задолжени за привлекување на странски инвестици, доаѓаат инвеститори да ја разгледаат зоната и можно е уште една фабрика пред или после Нова година да го најави својот влез тука. Сметам дека за 5 години бројката на вработени луѓе во таа зона би достигнала од 5 до 10.000 вработувања, што ќе биде од особена важност не само за Прилеп туку и за целиот Пелагониски регион. Самата зона е многу атрактивна, блиску е до градот и се наоѓа веднаш покрај самиот магистрален пат кој води за Битола и Грција.

За привлекувањето на странските инвеститори еден од главните услови секако е и изградбата на добра патна инфраструктура ?

М.Р. – Точно, со проширувањето и изградбата на експресниот пат Прилеп – Градско чија изградба треба да заврши за година и половина до две а го започна Владата ќе се реши едно од најцрните точки кои досега беа голем проблем околу идни инвестиции и функционирањето на транспортот на стоки и услуги, а тоа е патниот правец Плетвар. Што значи дека во иднина со изградбата на овој пат уште поголема ќе биде привлечната моќ на оваа зона. Значи сето тоа кое претходно го имаше како визија Владата и локалната самоуправа со претходно планирање и инвестирање во инфраструктура направи да Прилеп и овој регион стане магнет во однос на привлекување на странски инвестиции.

izgradba-pat-prilep-gradsko-640x427

Нема да застанеме тука, продолжуваме и понатаму да лобираме. Навистина многу е тешко да се донесат странски инвеститори, бидејќи не е во игра само Македонија, туку и другите држави од Европа и Балканот. А исто така кандидати се и голем број на општини и градови во самата наша држава, и да го донесете тие инвеститори да инвестираат во Прилеп значи сте направиле навистина добра работа за сите граѓани. Се движиме во таа насока и се надевам дека во иднина носењето на инвеститорите ќе биде со уште позасилено темпо бидејќи уште на почетокот од мојот трет мандат реков дека заедно со Владата најмногу ќе посветиме внимание на привлекување на инвестиции и отворање на нови работни места, а тоа и го правиме досега. Во Прилеп имаше еден голем вакуум со онаа болна транзиција каде огромен број на луѓе останаа без работа, исто така и голем број на млади луѓе немаа можност да најдат вработување. А сега во „Гентерм“ се отвораат и позиции за високо образовани кадри.

 

Кога станува збор за индустриските зона освен ТИРЗ „Прилеп“ ги имате тука и индустриските зони Прилеп 1 и Прилеп 2. Во Прилеп 1 се гради дел од инфраструктурата и се градат неколку објекти, кога ќе се стави во функција оваа зона ?

М.Р. – Зоната може да се каже дека е веќе ставена во функција, објектите веќе се градат, тие ги имаат сите предуслови за да може да започнат со работа. Локалната самоуправа има вложено преку еден милион евра за изградба на инфраструктура во оваа зона. Последниот грант за оваа намена во висина од 130.000 евра го добивме од Светска банка, а грантот го добивме поради претходно успешно завршениот проект, а тоа беше изградбата на нов влез на Прилеп на потегот од бензинската пумпа „Лук оил“ до раскрсницата кај Солидност. Во зоната Прилеп 1 се изгради канализациона и водоводна мрежа, се асфалтираат улици во зоната, се градат тротоари со бекатон плочки, се донесе електрична енергија и оптички кабли. Се градат 7 објекти, голем дел скоро изградени, а некои почнуваат да се градат. Очекуваме до крајот на годината да започнат да се градат барем уште 1 до 2 нови објекти и за една година се надевам дека и таа зона ќе биде комплетно функционална. Капацитетот на целата зона кога ќе се изградат сите предвидени фабрики во неа би бил околу 1.000 до 1.500 нови работни места.

industriska-zona-prilep-pogoni-se-gradat-640x427

Што значи она што е наша обврска како општина, од продажбата на земјиштето, од изградбата на инфраструктурата сме при крај и сме го завршиле. Оние инвеститори кои купиле земјиште, а им поминува рокот за започнување на градба ќе си платат казна според законот. Но мислам дека сепак нема да дојде до тоа и дека сите ќе си го испочитуваат рокот и ќе започнат со градба. Оваа зона за брзо време ќе претставува пример во цела Македонија како треба да изгледа една современа индустриска зона.

Што се случува со индустриската зона Прилеп 2, која се наоѓа кај Сточниот пазар ?

М.Р. – Моментално во тек е распродажба на земјиштето во таа зона, имаме таму за продажба околу 15-тина локации, станува збор за изградба на мали и средни претпријатија од незагадувачка индустрија и моментално се продадени 5 локации, но до Нова година планираме сите локации да ги продадеме. Идната година во буџетот на локалната самоуправа ќе се предвидат исто така средства да се гради инфраструктура и во оваа зона. Што значи дека и оваа зона за едно две до две и пол години ќе стане функционална.

Таа е помала зона, наменета за помали обејкти, но од анализите на пазарот на капиталот и инвестициите во Македонија, особено за градот Прилеп, неопходна беше изградбата на една таква зона за мали претпријатија и се надевам дека капацитетот на оваа зона ќе достигне од 500 до 1.000 нови вработувања. Интересот е доста голем за вложување во Прилеп. Заедно со Владата го направивме ТИРЗ „Прилеп“ за сите оние огромни мултинацинационални компании кои сакаат да вложуваат тука, за големи и средни претпријатија тука е зоната Прилеп 1 и за мали фирми тука ќе биде зоната Прилеп 2.

 

industriska-zona-prilep-1-640x427

Ние нема да застанеме тука, сите слободни земјишта кои се опфатени со ГУП, за нив моментално се работат Деталните урбанистички планови, откако пак ќе бидат тие завршени ќе имаме индустриски зони како Прилеп 4, Прилеп 5 итн… Имаме и зона Прилеп 3 каде за разлика од претходните зони земјиштето не е во сопственост на Р. Македонија туку е во приватна сопственост. Но таа зона ја направивме по барање на самите сопственици на тие парцели кои ги имале купено пред 20 и повеќе години, а досега немале можност да градат. Сега со новиот Генерален урбанистички план им го дозволивме тоа и сега гледам дека и таму веќе забрзано никнуваат некои погони. Таа зона се наоѓа на патот од Жито Прилеп, кон населбата Варош. Што значи Прилеп со новиот Генерален план кој беше од инвестиционен карактер и претставува главен адут за развој на градот, го направивме Прилеп привлечна мета и за домашни и за странски инвестиции. Така што во наредниот период очекувам доста нови вработувања.

 

Според податоците на АВРМ во Прилеп има од 6.500 до 7.500 активни баратели на работа, дали има некоја статистика во последниве години за колку беше намален бројот на невработени лица ?

М.Р. – Кога станав градоначалник, пред 11 години, бројката на невработени лица во Прилеп се движеше од 25 до 27.000 луѓе. Сега ако имаме од 6.500 до 7.500 активни баратели на работа тоа е навистина огромен процент на намалување на бројката на невработени лица. Прилеп во 90-тите години со една лоша политика и транзиција стигна до бројка од 40.000 невработени лица или 75% од работоспособното население во градот. Со тоа бевме рекордери по невработеност во Европа. Навистина таа бројка да се симне на ова ниво е голем успех, а тоа е резултат на одличното залагање на Владата околу привлекувањето  на инвестициите и една добра инвестициона политика која ја води локаланата самоуправа.

 

Тука не се само странските компании, туку да ги пофалиме и домашните инвеститори, како што се една Витаминка, Прилепска Пиварница, па и другите компании од текстилниот сектор како Комфи Ангел, Васидора, Најс текстил, Кули и други. Тоа се капацитети кои започнале со бројка од 50 или 100 вработени, а сега еве на пример Комфи Ангел има околу 1.000 вработени, Васидора има преку 700 вработени. Ако земеме и пред 90-тите години луѓето работеле во тие текстилни фабрики како што биле Билјана, Солидност, Ридтекст, Политекст, но со едно недобро менаџирање пропаднаа тие фабрики. Сега се вратија повторно тие фабрики, но сега се во приватна режија, а бројката можеби во текстилниот сектор сега е и зголемена. И ако го земеме фактот дека во АВРМ имаме моментално од 450 до 500 работни места кои се нудат на пазарот на трудот, а тешко се наоѓаат работници, тука треба да се постави прашањето и дали таа бројка од 6.500 невработени лица е реална.

Исто така за намалување на невработеноста придонесоа големиот број на позитивни проекти на од Владата преку АВРМ, како што беше начинот на самовработување кога стотици, можеби повеќе од илјада луѓе си направија бизнис и сами се вработија со својата бизнис идеја. А има примери кои започнале со еден вработен преку тој проект, а сега градат фабрики.

Сметате ли дека сите овие нови инвестиции и сите овие мерки кои се превземаат од страна на Владата и АВРМ би ја намалиле миграцијата и иселувањето на младите од Прилеп и Македонија ?

М.Р. – Миграцијата не е тренд само сега, таа миграција постои уште од 1945 година во континуитет. Стотици илјади Македонци за овој период се иселени во Австралија, Америка, Канада и Европа. Причина поради која младите се иселуваат можеби е немањето на работа или пак имаат сон да напредуваат во некоја поразвиена европска држава, сметајќи дека така ќе живеат подобро или ќе напредуваат во своите кариери. Но фактите и реалноста е друга. Кога ќе отидат таму можеби навистина имаат повисоки плати и стандард од Македонија, но јас сметам дека животот не е многу поразличен од тука и кога ќе се соочат со таа вистина голем дел од тие млади луѓе и со отворањето на овие капацитети дека ќе се вратат назад.

Често пати се слуша по медиумите дека имало засилена миграција од градот, од државата, но во проценти Македонија на ниво на Балканот е една од државите која што има помал таков процент во однос на некои наши соседни држави. Од Бугарија се иселени можеби 3 милиони луѓе, исто и од Србија се иселени повеќе милиони, Хрватска која исто е членка на ЕУ се соочува со овој проблем, а исто и Словенија го има истиот проблем со иселувањето. Тоа е и еден модерен тренд на глобализација кога границите и јазичната бариера биле проблем за иселувањето, а сега сите млади луѓе знаат англиски, се е достапно преку интернет така што на некој начин самата глобализација си го зеде данокот со тоа иселување.

И не само од посиромашните држави или држави во транзиција младите се иселуваат и од Германија, Англија, Франција, тоа е светски тренд на раселување на народите и мислам дека тешко кој може да го спречи сето тоа, но можеме да се потрудиме да се намали процентот на миграција токму со отворање на нови работни места и привлекување на странски инвеститори. Треба да се потрудиме да се подобрат условите за живот во секој сегмент од општественото живеење, од образованието, преку спортот, културата и друго и сето тоа ќе овозможи да не се зголемува бројот на оние кои се иселуваат.

Претходно споменавте дека еден од главните фактори за развој на економијата е развојот на патната инфраструктура. Неодамна започна да се гради првата од трите предвидени фази за експресниот пат Прилеп – Градско, таа е од Фариш до Дреновска клисура, долга е 10 км, а инвестицијата чини 30-тина милиони евра. Освен овој патен правец, што е предвидено да се направи на ова поле во општината и што се направи досега ?

 

nov-lokalen-pat-640x427

М.Р. – Најголема рак рана беше тој патен правец не само за Прилеп туку и за целиот овој регион. Со изградбата на овој експресен пат навистина ќе се подобри функционирањето на самиот сообраќај и регионот ќе биде попривлечен за инвеститори. Не само Владата туку и општината има доста направено на ова поле. Досега имаме инвестирано преку 200 км. во патна инфраструктура заедно со Владата, Министерството за транспорт и врски и најразлични донации. Прилеп е рекордер во Македонија во изградба на патна инфраструктура. Вклучувајќи тука изградба на улици во градот, во населените места, локални патишта и изградба и реконструкција на магистралните и регионалните патишта кои врват низ територијата на општина Прилеп бројката достигнува до 200 км. Нема да застанеме тука, оваа година се асфалтираа патиштата до неколку населени места, веќе проектите се готови и за други населени места. Во општина Прилеп, кога станав градоначалник, имаше неколку патишта асфалтирани до населените места, а сега практично и да нема живо населено место со над 50 жители кое нема асфалтиран пат. Останаа за асфалтирање населени места кои се водат како населени но таму живеат најмногу по неколку луѓе, но потребата за тие патишта е голема бидејќи луѓето од градот често се враќаат таму за земјоделски работи или преку викендите. Така што и тие населени места ќе добијата асфалтен пат. Има само уште 5 до 6 места кои немаат асфалт во Прилеп и Мариово, како Дабница, Крстец, Марул, да се поврзат Подмол со Бонче и селата Полчиште и Бешиште. Со тоа ќе ја завршиме целата инфраструктура на територијата на општина Прилеп.

 

Освен на патната инфраструктура се работи и на водоводната инфраструктура во градот. Во тек е еден огромен проект вреден 30-тина милиони евра, а тоа е изградбата на пречистителна станица и замената на старата канализациона мрежа, која е во втора фаза каде треба да се заменат околу 45 км. на канализациони цевки. Претходно во првата фаза беа заменети 25 км. од примарната канализација. До каде е овој проект ?

 

precistitelna-stanica-640x427

М.Р. – Проектот се одвива со забрзано темпо бидејќи тој треба да заврши во 2017 година. Целиот проект опфаќа замена на околу 80 км. канализациона мрежа а исто тој проект опфаќа изградба на пречистителна станица. Со ова градот добива многу, комплетна внатрешна инфраструктура, канализација која во голем дел ќе биде сепарирана, ќе биде одделена фекалната од атмосферската канализација, ќе имам нови слоеви на асфалт на улиците каде воопшто немало асфалт, а каде што имало тие ќе се вратат во првобитната состојба. Претходно го решивме проблемот со водоснабдувањето, со овој проект од ЕУ вреден околу 28 милиони евра и дел од средставата се од Владата, ќе се реши овој децениски проблем со канализацијата. А наскоро ќе започнеме со изградба и на фабрика за рециклирање на отпад кај депонијата, веќе се набавени и машините. И во тоа ќе бидеме први на ниво на Македонија. Со што Прилеп со овие три проекти веќе започнува да добива атрибути на европски град. И нормално тука би го споменал еден од најбитните проекти кои ќе се случат во наредните една до две години, а тоа е гасификацијата на градот. Започна носењето на гасоводната цевка од Штип до Неготино, а наредниве месеци треба да започне изградбата на гасповодната цевка која ќе ги поврзува Неготино, Кавадарци, Прилеп и Битола. Со ова ќе треба да се изработи и комплетна студија за градот за секундарната гасоводна мрежа, со што голем бенефит ќе имаат домаќинствата, јавните установи и производствените капацитети.

 

izgradba-na-nova-kanalizaciona-mreza-640x961

Кога станува збор за иднината на една држава тука секако станува збор за најмладите, а со младите поврзано е образованието и спортот. Во текот на изминативе неколку години имате инвестирано огромен број проекти во овие две сфери спортот и образованието. Што е тоа следно што ќе ги очекува граѓаните на ова поле ?       

 

М.Р. – Во изминативе години изградени се 4 нови спортски сали, а постоечките спортски сали во училиштата се сите реконструирани. Станува збор за околу 10 сали или ново изградени или реконструирани, со тоа многу добија како учениците, така и голем број на спортски клубови и ентузијасти кои ги користат овие спортски сали. Последната спортска сала која што ја изградивме беше во ОУ „Добре Јованоски“, но во соработка со Министерството за образование имаме најава во наредниот период да започне изградба на уште три нови спортски сали во основните училишта „Кире Гаврилоски“, „Кочо Рацин“ и „Блаже Конески“. Со тоа ќе се заврши еден голем процес на изградба на спортски сали во Прилеп. Моментално се изведува уште еден капитален проект реконструкција на градскиот стадион „Гоце Делчев“, средства обезбедени од УЕФА преку ФФМ и Општинскиот фудбалски сојуз. Тука еден поголем удел ќе има и локалната самоуправа со што стадионот ќе добие нов терен, со дренажа, осветлување за ноќни натпревари реконструкција на трибините, покривање на дел од трибините, нови столчиња со што стадионот ќе добие услови за одвивање на меѓународни натпревари. Проектот треба да заврши 2017 година. Значи прво започнавме со теренот, па ќе биде осветлувањето, а последна фаза ќе биде реконструкција на самите трибини и соблекувални.

 

nova-sportska-sala-640x291

Кога сме кај спортот морам да напоменам дека се изградија нови тениски терени, Паркот на револуцијата комплетно се реконструираше, се изградија и нови спортски терени на самиот парк. Имаме два нови стадиони благодарение на Агенцијата за млади и спорт, тоа е стадионот на Могила и во населеното место Тополчани. Моментално се работи на стадионот во населено место Алинци, а после изградбата на тој стадион ќе започне реконструкција на стадионот во Големо Коњари. Ќе има осветлување на повеќе стадиони како Мало и Големо Коњари, Алинци за да може да се користат истите и во вечерните часови. Се изградија повеќе мултинаменски игралишта, стадион со вештачка трева, се направи скејт паркот, а во наредниот период треба да бидат изградени и неколку фитнес зони кај Могилата, кај стадионот со вештачка трева и во населбата Точила.

 

Што се случува на полето на образованието и инвестициите во оваа област ?

М.Р. – Кога се децентрализира образованието во 2006 година, сите училишта беа во катастрофална состојба. Имаше училишта каде и по 60 до 70 години се немаше ништо поставено. Комплетно сите училишта на територија на општина Прилеп, било тоа да се во населените места било во градот се комплетно реконструирани. Имаме вложено преку 12 милиони евра во нивна реконструкција. Со тој процес продолжуваме континуирано и понатаму спрема различните потреби на училиштата. Еве последно комплетно се реконструираше средното економско училиште преку проектот за прекугранична соработка. Образованието во Прилеп доживеа комплетна ренесанса. Скоро сите училишта имаат заменето нова енергетски ефикасна дограма, остана само уште еден мал дел. А за наредната година планираме да започнеме со процесот сите училишта да добијат енергетски ефикасни фасади. Најдраги инвестиции секогаш кажувам мене ми се во образованието, бидејќи кога инвестираме тука ние инвестираме во нашата иднина. Продукцијата на здрави психофизички деца значи добра иднина за целата држава.

renovirano-sredno-ekonomsko-uciliste-640x304

Се инвестира и во урбаниот лик на градот односно во парковските површини и плоштади ?

М.Р. – Во овој период се изградени преку 150.000 метри квадратни нови парковски површини, се поставија и преку 40 нови бунари за технолошка вода со која се наводнуваат парковите и да се мијат улиците. За не се користи водата за пиење за тие потреби, како што било претходно, пред 10 или 15 години.

park-2-640x443 park-640x313

За да градот има еден урбан и модерен пулс потребно е и култура и несомнено овој град го носи името „Градот на фестивалите“ бидејќи ги задоволува сите вкусови, народна музика, етно, забавна, џез … ?  

М.Р. – Прилеп станува препознатлив на картата на фестивали не само на Балканот туку и пошироко и стануваме на еден начин центар на тој т.н. фестивалски туризам. Нема дел од годината кога нема некој голем фестивал. Гледам дека и другите градови веќе го спроведуваат тоа и добро е кога има конкуренција, но секогаш оригиналноста односно да почнете прв е голем предизвик и навистина останува еден позитивен импулс кај сите да го следат тоа. Ги задржавме сите стари манифестации кои ги наследивме и си дадовме за задача како локална самоуправа да во секој период од годината има по еден поголем настан кој што не само што ќе ги извлече прилепчани од нивните домови туку и ќе донесе народ од страна. Крајната цел секако е да се има економски позитивен резултат од сето тоа. Годината ја започнуваме со карневалот „Прочка“, потоа продолжуваме со „Мариовско-мегленските средби“, „Фестивалот на гајди Пеце Атанасовски“, „Театарскиот фестивал Војдан Чернодрински“, Пиво фестивалот, богатото културно лето, каде има скоро секој ден концерти, изложби, претстави и друго. А летото го заокружуваме со Џез фестивалот.

Исто така имаме голем број манифестации од спортски аспект. Прилеп подолг временски период го негува тој т.н. алтернативен спортски туризам, болдеринг, параглајдинг, планински ултрамаратон, планински велосипедизам. Овие екстремни спортови за годинава ги завршивме со манифестацијата „Prilep extreme weekend“ каде се одржа првото македонско трофи со џипови, трка со крос мотори на патеката во Лагово, а на новиот скејт парк публиката ја забавуваа скејтери, ролери и изведувачи на паркур вештините. Во иднина патеките кај Лагово планираме да прераснат во еден поголем мото полигон или Центар каде ќе се изведуваат повеќе активности.

За наредната година ќе биде готова и најновата приватна инвестиција и атракција, а тоа е Аква паркот. Значи не само јавни, ние поддржуваме и приватни инвестиции за збогатување на спортската инфраструктура.

Кога станува пак збор за поддршката за спортот морам тука да ги споменам и двата клуба кои се гордост на Прилеп, тоа е РК Прилеп, имаме тука доста добар кадар и силна екипа и секако влезот на Победа во прва лига.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.