Легендарната прилепска берберница “Победа”: Две генерации со ножици в раце

Krasta_e_berberskiot_zanaet_-_sinot_Zarko_i_tatkoto___Tome_Jovanoksi

Томе Јованоски e 80-годишeн бербер во Старата чаршија во Прилеп.Со ножиците и чешлите е од 1949 година, а со свој дуќан од 1962 година.

Атрактивни се курназлаците и муабетите во берберниците. Приказните уште се шират и се раскажуваат од некогашното омилено место за дотерување и социјален живот на мажите. Затоа уште доаѓа Томе. По пензионирањето не го скратил животниот век на занаетот, туку лозата ја продолжи синот Жарко со 20 годишно искуство. Во дуќанот минале муштерии од четири генерации. Томе дотерувал, дедо и татко, а Жарко  стигнал бербер да им биде на синот и внукот.

– Бев калфа кај берберот Апле – хармоникашот. Работев и во коперацијата. Во 1962 година купив дуќан во Старата чаршија и отворив сопствена берберница. Имаше малку, а сите беа в чаршија. Само Кире го запоседна Варошко маало. Кум на берберницата е Методија Крстески –  Каше, еден од најдобрите фудбалери на Победа. Имавме дилема за името. По легендариот прилепски клуб се вика Победа до денес – ја почна приказната стариот мајстор.

Муабетите во берберницата, се вечна мистерија за женските уши. Во “машките муабети” во берберницата која важела за центар на збиднувањата, се зборувало сé и сешто. Имало и сплетки и дубари, вистини и мудрости. Кај берберот се седело за кажување и се потпивнувало по нешто.

– Берберницата е и клуб за мажи, оти идеа муштерии исклучиво од посилниот пол, сами, без жени. Беше место каде момчињата се чувствуваа како мажи, а мажите како господа. Не идеа само за стрижење и бричење, туку и за анализи на натпреварите. Идеше цел тим на Победа. Пред мечевите се собираа и правеа калкулации колку гола ќе дадат. А во понеделникот ги резимираа впечатоците. Најбитно е дека секогаш владее мајтап и позитивна енергија. Немаше радија, пеевме и свиревме на прим – мала гитара. Специфични се прилепчани, но комуникативни. Се муабетеше од спорт, политика до жени, гулаби, лов. Кога некој кисне во берберницата, нешто како да ги тера да се отворат, да кажат за себе. Се изнаслушав сé и сешто. Психологијата на берберот е таква да се прилагоди на фалинката на клиентот. Секој има маана. На некој му се гулабите, па мораш да му зборуваш за тоа. Еден муштерија се фалеше дека е женкар, а имаше и убава жена. Другарите ми беа секогаш главни зафрканти. Исчекаа да го наместат женкарот, а жена му на фризер. Му велат: “Колку убава жена има кај тој и тој фризер”. Женкарот рипна од столче и се врати надурсен. “Кај е тоа пичлемето, што рече убава жена се стрижи? Абе мојата е” – се сеќава на курназлаците стариот Јованоски, кој кратко бил и во Управата на Победа.

2

Раскажувајќи за некогашните фризури и бради, успеа да го врати духот на местата кои сме ги гледале само на филмовите.

– Мажите беа многу педантни. Редовно бричени и пострижени. Бричењето да биде такво што цело лице да е чисто, а фризурите примерни. Спире Мудурот се пострижуваше секоја сабота. Не беше тренд брадата. Небричени беа само свештениците и уметниците. Од тоа време актуелен е српскиот афоризам, “Брада звање, брада знање, брада срање”. Првата за свештениците, другата за уметниците, а третата за битангите и пијаниците… – кажува Томе.

На бербер оделе секакви луѓе – градски, видни, од село…

– Идеа секакви муштерии, и од околните села, во среда и сабота за на пазар. Градските влегуваа по 16 ч. кога ќе заминеа селаните. Еден “големџија”, ќе се избричеше и ќе си заминеше. За половина саат пак се враќаше на второ бричење. И третпат се враќаше, за да го намачкам со колонска вода – вели Томе.

Еснафските шеги не се забораваат. Берберите биле многу мудри и правеле потези да ги научат калфите и чираците да бидат чесни луѓе. Градскиот саат чукал двапати – еднаш во без пет и вторпат во точно време. Првиотпат означувало дека мајсторот прекинува со работа, а второто чукање било знак за калфата.

– На френговите од вратите на дуќаните за 2 февруари ни врзуваа ѓеврек со црвена панделка. Се правеа сплетки да се проверат чираците и калфите дали го почитуваат еснафот, мајсторот, соседите, и муштериите. Му потфрлавме паричка на калфата, ко ќе метеше, да видевме дали е чесен. Зедов дете за калфа, ама другарите се играа мајтап со него. Имаше еден Василе, кој беше ќос, брада не му растеше. Другарите се жалеа дека секој ден се бричи, а не плаќа. Калфата се стрча, “Ќе му речам да плати, не се секирајте “. Го сретнал и му рекол “Не ти е срам да не му плаќаш на мајсторот за бричењето?!”. Следел одговор, “Море магаре едно, ќос сум, не одам на бричење”. Така го насамарија калфата – низ смеа раскажува Јованоски.

Имал муштерија, српски војник.

– Го прогласивме за “опасна брада”, оти брадата му беше толку остра, што тешко се бричеше, целиот крвојци се правеше. Од мака при бричењето, ја искуба со пинцета. Ама пак му порасна. Не можев да му помогнам ни со бритвата. Рече да не се секирам, оти плачел ко ќе се бричел сам. Во ЈНА немаше бербери. Ко ќе дојдеа регрути, градските берберите бричевме многудуши војници. Беше мачно, оти не беа машински, туку рачни ножиња. Ко ќе ни се замореа рацете, ги кубевме – вели стариот бербер.

Од дете во берберницата е и синот Жарко – втората генерација. На 14 години се учел на маалските другари со старите машинки и ножички од татко си. Прв почнал, уште во 1996/97 г., со машинка да го исцртува знакот “најк” над увото.

3

– Му помагав, метев, ми ја доверуваше берберницата. И ми остана “краста” берберскиот занает. Од Саатот прилепски подалеку не одам. Кога стартував во дуќанот, требаше да се прилагодувам на мојата генерација, на новите трендови. Тогаш беше актуелна т.н. фризура броз, ссоема кратко од страните, само на горе косата, според музичката група Броз. Најнов тренд сега се брадите. Полека, полека, се враќа ретро модата. Прво беа обликуваните бради, со фигури и во разни форми, а сега се актуелни големите бради со подвиткани мустаќи. Долгата брада е специфична, треба секојдневно миење, посебни колекции за третман, шампони, чешли и посебни бои. Потешко е да се обликува брадата. Треба дарба, внимателност, прецизност, самодоверба. Да умееш што и каде сечеш. Да ти покаже добар мајстор. При работата досега никој не сум повредил, освен што еден малку го сецнав на увото, поради невнимателност кога тој ми мрдна – кажува наследникот на “машкиот занает”.

Младиот Јованоски често бил сведок и актер во сплетките на татковите другари.

– Ме натераа да им земам цигли од џамијата. Му ставив од циглите на еден муштерија што го оставаше зумбулот со пазарот во берберницата за да му тежат кога ќе си оди дома. Имаше шеги. Еден муштерија ми вели, ајде мајсторе издувај ме. Му вратив дека и онака е издуван.Таков ни е прилепскиов јазик – тој само сакаше да му ја потсушам косата. Друг пак ми вели, мајсторе помини ме малку одназад. Го прашав дали е капен, а тој мислеше да му ја поминам мовта на вратот со машинката – се смее младиот мајстор.

Додека оживува сликата на автентичната берберница од времето, Жарко како најголемо богатство ги чува старите машинки за стрижење од татка си.

Извор: НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.