За платформата на Aлбанците – Ќе се извини ли Еди Рама за злосторствата на балистите во Западна Македонија?

image001

За жал, долго очекуваните декемвриски избори наместо да ја решат политичката криза уште повеќе ја усложнија. Овој пат, освен чисто политичка криза меѓу, условно кажано македонските партии, кризата доби и меѓунационална димензија, со безобразното и недипломатското вмешување на албанскиот премиер Еди Рама. Сакајќи да се искористи моментот на голема поларизираност на главните македонски партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, а со цел остварување на што е можно поволна позиција за албанците во Република Македонија, Еди Рама ја поттикна, а албанските партии ја прифатија оваа платформа и со тоа фрлија ново гориво за распламтување и на онака разгорената криза. Албанскиот премиер со ова директно се вмеша во внатрешните работи на една суверена држава. Тоа е недипломатско однесување на еден претставник на држава, но и нешто недозволиво во политичките и дипломатските односи од страна на држава која е членка на НАТО и претендира за ЕУ.

Кризата полека од политичка има голем потенција да прерасне во меѓунационална криза со сите последици од тоа. Платформата стана основен услов за формирање на влада, а македонските партии се уценети со неа. На оваа уцена ВМРО ДПМНЕ реагираше со одбивање, додека СДСМ се обидува да ја следи политиката на нејзиниот лидер-да ја свитка кичмата, ама не знае како да го направи тоа, па час се наведнува кон една, па час кон друга страна, ама цврстина и исправеност нема.

Но, ваквиот развој на ситуацијата не е поттикнат сам од себе. Албанците немаше да си дадат толку голем цена и да се впуштат во уцени, ако претходно од страна на одделни претставници од македонските редови не се даде сигнал за тоа. Сакајќи по секоја цена да ја симне ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски од власт, Зоран Заев и СДСМ се впуштија во една опасна авантура чии последици се токму ова што сега го имаме. Многу добро знаеме дека токму Зоран Заев беше тој што заговараше и одобруваше употреба на албанскиот јазик на цела територија на Република Македонија, токму Зоран Заев беше тој што пред албанците во Швајцарија изјави дека Рамковниот договор претставува тесна рамка што е потребно да се надмини. Сега Република Македонија е буквално заложник на неговата кусогледа политика.

Оваа платформа претставува план за редефинирањсе на Република Македонија од унитарна граѓанска држава, каква што е сега, во бинационална држава што, пак во иднина би се трансформирала во федерална, создадена од страна на македонците и албанците. Со тоа албанците би добиле своја трета албанска држава.

Значи доведени сме во ситуација кога една етничка заедница која учествува со 20%-25% од населението (за точното учество да се утврди треба да се спроведи попис на населението), ги уценува останатите 75%-80%. При тоа уцената се состои во реализирање само на своите големонационални цели.

Читајќи ја оваа платформа, сигурен сум дека нема Македонец кој е рамнодушен и кој би бил спремен да го прифати тоа. Освен некој кој, нели е расположен да си ја „свитка кичмата“. Ама убеден сум дека таквите се занемарливо малку.

Република Македонија веќе направи не доволно, туку премногу во споредба со други држави, посебно овде на Балканот, во поглед на унапредување и заштита на правата на албанското малцинство. Од друга страна, на секое „попуштање“ од страна на Македонците, албанците одговараа со ново барање. Не се сеќавам дека албанците некогаш покажале лојалност и приврзаност кон Република Македонија, почнувајќи од фудбалски или други спортски натпревари, па се до официјални протоколарни истакнувања на македонските државни симболи-знамето, грбот или химната. Ова сега претставува врв на сите барања. Ова е веќе голема уцена. И тоа една безобразна уцена.Според оваа платформа, албанците требало да ги прашаме како ќе се викаме, дали Македонци или поинаку, требало да ги прашаме како ние Македонците ќе ги градиме нашите односи со Бугарите, каква ќе ни биди химната, знамето грбот. И врвот на безобразието-да им се извиниме и да го осудиме геноцидот врз албанците во Македонија во периодот 1912-1956 година.

Ова се повеќе наликува на ултиматумот на Австроунгарија упатен до Србија после атентатот на престолонаследникот Франц Фердинанд во 1914 година. Иако ултиматумот беше крајно понижувачки и ниту една нормална држава не би го прифатила, Србија го прифати, освен во една точка. Но, сепак таа точка беше прогласена за суштинска (а сето другото за „козметика“) и Србија не ја избегна војната. Дали оваа платформа ќе ги реши проблемите на албанците во Република Македонија и ќе биди последна не знам, но сигурен сум дека ќе ги зголеми тензиите во Република Македонија во еден релативно подолг временски период.

Се обидувам да најдам еден доказ за извршен некаков „геноцид“ врз албанците во Македонија. Зошто Собранието би носел резолуција за осуда на нешто што македонската држава не го сторила? Или пак, зошто Собранието би носело резолуција за некаков геноцид што го сторил некој друг, а не државата што ја претставува тоа Собрание?

Република Македонија својата државност формално и фактички ја воспоставува во 1944 година. До тој период таа е во составот на Кралството Србија, Кралството Југославија, а во одредени периоди и под власта на Царството Бугарија, но и во составот на Голема Албанија. Република Македонија воопшто не била во позиција да изврши некаков геноцид.  До овој период таа не била организирана држава, ниту пак имала некаква официјална вооружена сила да направи вакви работи.

Од друга страна, пак токму албанците биле тие кои во периодот 1941-1944 година контролирале дел од Република Македонија. Западна Македонија е окупирана од страна на фашистичка Италија, но формално е во составот на Кралството Албанија, тогашен протекторат и соработник на фашистичка Италија  (Голема Албанија). Во овој период на територијата на западна Македонија дејствува Бали Комбетар (балисти), како вооружена сила поддржана од страна на италијанците, а подоцна германците. Токму балистите се тие кои направиле безброј злодела врз Македонците. За ова постојат бројни сведоштва што не можат да се побијат и игнорираат. Долг е списокот на жртвите на балистите на чело со Џемо Хасани во Западна Македонија. Но, ќе ги спомнам само некои: масакрот во мавровското село Беличица, извршен на ден 19. септември 1944 година. Само во овој ден, во ова село од страна на балистите се убиени 19 партизани, но и 17 жени, деца и стари лица од ова село. Претходно балистите спроведувале други насилства врз Македонците со цел да ги протераат или физички да ги уништат. Така на пример  на 20 август 1943 година биле запалени селата Никифорово и Леуново, а балистите и италијанскиот окупатор вршеле злосторства врз македонското население. На 03 септември 1944 година било запалено и Маврово.

Како резултат од ваквите злосторства на балистите од средината на 1943 и во 1944 година започнало масовно иселување на Македонците од Дебар и Дебарско, при што биле испразнети повеќе села, како Горно и Долно Мелничани, Долно и Горно Косоврасти, Горенце, Пареши, Житинани, Осој, Гари, Лазарополе, Тресонче, Селце, Росоки, Сушица, Галичник и други села. Со тоа се намалило македонското население, и на негово место се доселува албанско население, односно доаѓа до поинтензивно менување и на етничкиот состав на овие краеви.

Еди Рама беше доволно храбар со оваа платформа дополнително да го распламти пламенот што подолго време беснее во Република Македонија. Но, всушност тој, Еди Рама е тој што во името на сегашната Албанија треба да му се извини на Македонскиот народ за геноцидот што балистите, во името на тогашната албанска држава го вршеа врз Македонците во Западна Македонија. Ако сака реално да придонесе за зголемување на довербата меѓу Македонците и Албанците во Албанија и во Република Македонија, треба да го направи овој храбар чекор. Има ли храброст да се соочи со минатото, но и со иднината?

Затоа, сега го поставувам прашањето: Кој кому треба да му се извини, кој чии геноцид треба да осуди? Македонците на албанците или обратно.

И сосема за крај. Веќе 2 недели опозицијата во Албанија протестира против истиот овој Еди Рама, барајќи формирање на техничка влада кој ќе спроведи избори. Слично сценарио како и во Република Македонија, само со други актери. Искрено, се радувам што Еди Рама ќе има големи проблеми дома и нема да се занимава со нас. Вчера, опозицијата фрлала со брашно во знак за протест, што пак треба да ја симболизира дрогата со која наводно е поврзана владата на Еди Рама. Оттука, еден премиер обвинет од неговите граѓани како главен мафијаш кој ја контролира дрогата во неговата земја треба да ни ја реши судбината на нас, Македонците.

Ќе му дозволиме ли?

 

Иле Тасески

Дипл.економист




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.