Во 2016 ќе им се каже збогум на лошите услови во студентските домови – се градат нови модерни објекти

Старите и руинирани бараки и дотраените згради од студентските домови, остануваат само дел од минатото.

studentski-goce-delcev

Собите со стариот мебел и лошите услови во кои живееја студентите во изминативе децении, од годинава се заменуваат со нови реконструирани простории модерно уредени. На местото на некогашниот „Медицинар“ на почетокот од новата 2016-та ќе почне да се гради новиот објект, на површина од 1200 метри квадратни.

До 400 студенти ќе можат да престојуваат во комплетно новиот студентски дом. Новина која премиерот Никола Груевски ја најави е што покрај новите и модерни простории во кои ќе живеат студентите, ќе биде изградена и спортска сала во комплексот на студенскиот.

Заменик министерот за образование, Спиро Ристовски за Алфа најави дека е завршен и тендерот за целосно реновирање на блокот А во студентскиот дом „Гоце Делчев “.

-Студентскиот дом Гоце Делчев продолжуваме да го реконструираме со динамиката со која што го најавивме. Блокот Б е комплетно реновиран во целост. За блокот А сме во завршна фаза, сега сме во постапка на избор , односно евалуација на фирма која што ќе ги превземе активностите за реновирање на вториот блок, блокот А и веднаш потоа во наредните неколку недели се очекува да пристигне проект за реновирањето на блоковите В и Г и мензата и за истите да се распише јавен повик за фирма изведувач, која што ќе ги реновира овие два блока, вели Ристовски за АЛФА.

Владата веќе донесе одлука и за градење на други 3 студентски домови од кои два ќе се градат во Скопје, а едниот во Тетово. Ова се комплетно нови објекти кои ќе обезбедат дополнителни 900 места за студентите од внатрешноста. На ова се осврна и премиерот Никола Груевски во своето новогодишно обраќање.

-Во образованието, во тек е реконструкцијата на студентскиот дом Гоце Делчев, а во 2016та ќе почне градбата на уште два во Скопје и еден во Тетово. Почна со работа филмската школа во Охрид, во соработка на престижната чешка школа ФАМУ и штипскиот универзитет. Почна и градбата на објекти на два нови факултети, на Финки и факултетот за физичка култура. Формиравме и нов универзитет Мајка Тереза, кој ќе биде на македонски, албански и англиски и ќе преставува нов квалитет во високото образование во Македонија, рече Груевски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.