“Се самопокани за домаќин на “Св. Никола” , па по 3 недели се секуларизира?!Што прави човеков??!”

До нашата редакција денеска пристигна вест дека градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски одбил да ги прими дечињата кои денеска како и нивните врсници ширум државата го навестија Христовото Раѓање. Веста потоа одекна во сите медиуми.

Иако оваа манифестација се одвиваше во поголемиот број општини во државата, а градоначалниците прошетаа заедно со дечињата, градоначалникот на општина Прилеп, ниту ги прими, ниту ги угости децата кои беа 200 на број.

И покрај тоа што ваквиот начин на празнување на Бадник претставува една возобновена древна традиција за одбележување на овој празник, а преку кој се негува традицијата и културата, Јованоски и новата локална администрација решиле да се држат до секуларноста, или во превод одвојување на владините институции, како и личностите одредени да ја претставуваат државата и општините, од религиските институции и религиските достоинственици.

Во соопштението кое по барање на порталот АКО било испратено од општина Прилеп меѓу другото се вели дека: “Традицијата треба да се култивира, а не да се примитивизира”. 

Според тоа ваквото Бадниково празнување за градоначалникот Јованоски значи примитивизирање на традицијата. Се поставува прашањето како истиот овој градоначалник се самопокани за нов домаќин (во моментот кога никој од бизнис секторот не се пријави за нов домаќин) до година на градската слава Св. Никола, а сега зборува за секуларност и одделување на неговата личност од религијата и религиските традиции и обичаи.

Во веста која ја добивме претходно стоеше и дека:

“Kако и секоја година, така и оваа, свештениците и малите ангелчиња очекуваа да бидат примени од градскиот татко и да им подели бадникови пакетчиња, но за жал, градоначалникот после три недели договарање, одби да ги прими малите ангелчиња со изговор дека, како прво: „Градоначалникот не е Дедо Мраз, па да дели пакетчиња“, и како второ: „Утре е Бадник и неработен ден, така што…“. Видно разочарани, дечињата со придружбата, само поминаа пред општинската зграда, па низ градските улици го навестија Христовото Раѓање – Божик”.

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.