Пред стартот на новата сезона на Првата лига разговор со Претседателот на ФК Победа д-р Гоце Ингилизов

20786437_10213945159407073_1757851383_n

1. По завршувањето на претходниот дебитантски прволигашки шампионат клупското раководство во договор со Стручниот штаб го засили тимот со цел во новата сезона клубот да има покомпетитивен состав. Дали тоа значи дека и амбициите се пораснати и одат паралелно со желбите на навивачите-атак на позициите кои носат излез во Европа?

-Според потребите на тренерот го засиливме тимот во сите линии и со тоа добивме поголем ростер на квалитетни фудбалери. Нападот и трансформацијата кон напред ни беше најголем проблем лани, како и брзоплетоста на нашите фудбалери кога имавме топка во наш посед. Се надевам дека со овие нови фудбалери ги пополнивме празнините и составивме добар тим. Но во секој случај наше најголемо засилување е тоа што екипата остана компактна, ги задржавме сите фудбалери кои го носеа товарот ланската сезона. Тие фудбалери се за една сезона поискусни и тоа во комбинација со новите играчи, би требало да не дигне за едно ниво погоре. Амбициите мора да растат од година во година, но не смееме да се залетуваме, ќе одиме натпревар по натпревар и во од ќе ги дефинираме амбициите. Јас лично, посакувам да сме први при крајот на мај в година..

2. Во летниот период во рамките на можностите обезбедени беа оптимални услови за подготовки на тимот. Екипата тренираше во Прилеп на стадионот на Могилата а беа рееализирани 11-дневни подготовки во Банско-Бугарија. Како гледате на подготовките и вопшто на подготвеноста на екипата и нејзиниот учинок на контролните натпревари?

– Обезбедивме солидни услови и мислам дека играчите добро се подготвени. Натпреварите во подготовките не се бројат, но убаво е кога се победува. Се надевам дека Штерјовски добро ја темпираше формата за почетокот на сезонава, а во спремањето на екипата на физички и техничко-тактички план, не се сомневам.

3. Она што најмногу ги интересира пред се фудбалерите, сите клупски структури а секако и фудбалската јавност в Прилеп е прашањето – Како на финансиски план стои Победа. Остануваат ли истите спонзори и минатогодишниот буџет?

– Играчите и оние кои работат за клубот, знаат она што треба да го знаат, а незнам јавноста зошто би ја интересирал буџетот и што тоа воопшто им значи. Дали им менува ако речам дека е 100.000 евра или 2.000.000евра? Или пак ако кажам дека нема доволно средства, да не најде некој спонзор нов? Или да се зборува додека пиеме кафе низ центар… Се изнаслушавме летово секакви муабети, од политики, продажби и откажувања, две Победи итн… итн..На крај вистината е една:треба што помалку да се коментира и повеќе да се работи само така може да напредуваме…Спонзорите едни одат, други идат, ќе се снајдеме некако не се откажуваме од Победа!

4. И во новата сезона, поради градежните зафати на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,,, Победа своите домашни натпревари ќе ги игра на теренот на Могилата. Кога може да се очекува враќање на тимот во својот дом и на својот терен, а на љубителите на фудбалот на трибините на ,,Гоце Делчев,,?

-Ќе играме во Прилеп, тоа е најбитно. Стадионот “Гоце Делчев” ќе биде спремен за играње, според изведувачите, за пролетната полусезона (тревникот, осветлувањето и малата трибина).

5. Првпат во овој летен период беше презентирана идејата за нарачка од страна на симпатизерите на Победа на оригинални дресови и тренерки, исти онакви какви што носат фудбалерите по цена на чинење. Но интересот беше незначителен иако гратис од клубот беше сезонски билет за тие што ќе нарачаат дрес и тренерки. Напоредно со тоа немаше ама баш никаков интерес ни за купување на сезонски билети-за 18 првенствени натпревари во Прилеп во престојниот шампионат за цена од 1.000 денари. Како го објаснувате ова?

– Ние сме чуден народ, знаеме како треба ама инаетот во нас не ни дозволува да се однесуваме европски во Македонија. Што и да речам ќе биде лошо протолкувано. Кога објавивме за сезонските карти, сите коментираа кај ќе сме играле, немало стадион итн.. итн… Баш ќе видиме на пролет дали ќе е поинаку!? Ниту еден човек не се ни обиде да праша, а не пак да купи сезонски билет!!! Па како бре луѓе сакате да сте инволвирани во случувањата во клубот? Ве интересира буџет, засилувања, амбиции, а не сакате да помогнете ни со 100 денари месечно за да гледате минимум два натпревари на вашиот најомилен клуб!? Победа и на нива да игра, треба да се бодри и да се купи билет, само така може да се искаже директна поддршка на клубот,а не преку “експертски” коментирања за се и сешто! Истото е и со дресовите, идејата ми беше да направиме добра понуда, по набавна цена на оригиналниот дрес со кој ќе играме и кога ќе играме дома публиката да биде обоена во црвено бело, ама и за тоа најдоа експертите замерка, па се нарачаа едвај десетина дреса..тоа е тоа, така клуб не се сака!

На секој клуб му требаат верни навивачи и полни трибини. На секој клуб му треба поддршка и громогласно навивање, на секој клуб му требаат стабилни и верни спонзори и на секој клуб му треба спокојност и простор за да работи, но и притисок за да напредува. Оваа сезона ни е втора по ред во Првата лига, поискусни сме сите, амбициите ќе растат заедно со нас, заедно со играчите, со навивачите и со публиката. Да покажеме дека сме “пораснале” и оваа година да имаме подобра сезона од минатата. Им посакувам на играчите и Стручниот штаб многу добри игри и победи, а на публиката фер и коректно навивање и многу радосни моменти оваа сезона!

 

 

 

 

 

 

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.