КЛАСИЧЕН НЕПОТИЗАМ: Ќерката на Тито Петковски вработена во Владата како специјален советник

Владата на Република Македонија продолжува да вработува партиски кадри. Ќерката на Тито Петковски, Маја Петковска е вработена во владата на СДСМ како специјален советник, велат до владата за „Курир“. Информациите на нашата редакција велат дека меѓу вработените во Владата е и поранешниот новинар Бубо Каров, а таа информација не ја негираат од Владата.

 

vlada-na-rm-640x294

Според информациите до кои дојде нашата редакција, во Владата на СДСМ досега се вработени 50 луѓе, но владиниот портпарол Миле Бошњаковски за „Курир“ вели дека вработени се 26 лица.

– Во Владата на Република Македонија се вработени дваесет и шест лица (26), вклучувајќи ги и тие со авторски договор. Се работи за специјални советници во Кабинетите на министрите без ресор, Генералниот секретар и други именувани функционири. Овие вработувања се од времен карактер, односно престануваат во истиот момент кога истекува или завршува мандатот на ресорниот функционер, истакна Бошњаковски за „Курир“.

На прашањето дали се точни информациите дека дел од владата се Бубо Каров и ќерката на Тито Петковски, Маја Петковска, добивме одговор дека Петковска е вработена како специјален советник по објавен оглас.

Оттаму не негираат дека Бубо Каров е вработен во Владата, бидејќи за него не добивме одговор. Инаку, Бубо Каров беше еден од критичарите на претходната власт, беше дел од протестите против Владата на ВМРО-ДПМНЕ, а држеше говори и пред Македонската Радио Телевизија.

Изминатиот период, јавноста е сведок дека Владата на СДСМ од една страна се жали на превработеност, а од друга страна вработува лица кои ја критикувале претходната власт.  Дополнително, Владата објави и оглас за вработување на 13 посебни советници во Владата со плата во висина од 36.873 денари. Ваквиот оглас уследи откако само една недела претходно, генералниот секретар Драги Рашковски и министерот Дамјан Манчевски тврдеа дека јавната администрација се соочувала со превработеност.

Граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека владиното вработување на критичари на претходната власта е во суштина нивно политичко корумпирање.

Дека Владата на СДСМ вработува кадри кои размислуваат и делуваат во нивен интерес посочија и од ВМРО-ДПМНЕ.

-Прочитани се и добро запаметени од сите граѓани овие профитери и одработувачи како што се: Зоран Бојаровски, Бојан Маричиќ, Дане Талески, Марјан Забрчанец, Петрит Сарачини, Никола Наумовски, Бранимир Јовановиќ, Влатко Васиљ, Дарко Лешоски и многу други сеачи на магла кои ги гледаме изминатиов период. Овие профитери се претставуваа како невладин коректив на власта, и ја лажеа целата јавност дека бранат интереси на граѓаните. Со нивното ставање на платен список на владата на Република Македонија се покажа дека цело време ги бранеле само интересите на Заев и СДС, за што дебело биле платени и тогаш и сега, изјави неодамна потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Извор: Курир




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.