Изгаснат е пожарот кој синоќа гореше околу манастирот Трескавец

IMG_0827

Изгаснат е силниот пожар кој синоќа гореше околу Трескавец и повеќе нема опасност за манастирскиот комплекс, ова денеска го соопштија од противпожарната единица од Прилеп. По синоќешниот упатен повик веднаш се пријавиле над 100 доброволци кои пристигнале кај манастирот и кои храбро цела ноќ се бореле со огнената стихија. И во овој момент околу манастирот има распоредено поголем број на луѓе кои ќе останат таму и во наредните 24 часа за да случајно не се повтори пожарот.

IMG_0821

IMG_0785

IMG_0799

Инаку сликата над новите градски гробишта и под манастирот Трескавец е како од хорор филм, изгорена е површина од над 50-тина хектари. Освен овој пожар во Општина Прилеп активни се уште два други пожари кај населените места Крушевица и Никодим.

IMG_0811

IMG_0839

„Во текот на утринските часови пожарот околу пределот на манастирот Трескавец е веќе ставен под контрола, се работи на догасување на одредени терени кои се наоѓаат претежно во нискиот дел. Кон манастирот огнот е целосно изгаснат и непостои опасност за ова светилиште. Но догасувањето е важно исто како и самото гаснење така што ние ќе го чуваме ова место уште цели 24 часа. Што се однесува до другите 2 активни пожари, едниот во селото Крушевица имаме сознанија дека денеска имало надлетување од авионите од Дирекцијата за заштита и спасување. Има уште еден мал дел кој гори и мислам дека во текот на денот и тој пожар ќе биде ставен под контрола. Пожарот пак во село Никодим е во поразгорена фаза, има екипи кои гаснат, исто така има барање до Дирекцијата за заштита и спасување за делување со авиони. Тој пожар тешко ќе го ставиме денеска под контрола “, истакна Станко Колески, командир на ТППЕ – Прилеп.

IMG_0883

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, денеска им се заблагодари на сите доброволци кои синоќа учествуваа во гаснењето на пожарот околу манастирот Трескавец. Исто така Ристески упати голема благодарност и до против пожарната екипа од Прилеп чии припадници веќе 2 недели прават надчовечки напори за да се справат со огнените стихии кои ја зафатија Општина Прилеп.

IMG_0873

„Во текот на ноќта страшна беше глетката околу манастирот, гореше на сите страни, навистина со крајни надчовечки напори на противпожарната едница, припадниците на јавните претпријатија, навивачите, жителите на селото Мажучиште, планинарите и другите доброволци се спречи и се локализираше овој пожар. Во околината на Прилеп во овие неколку недели имаме повеќе пожари предизвикани дали намерно или ненамерно, тоа треба да го утврдат надлежните институции. Јас ги повикувам сите надлежни фактори дека еднаш мора да се открие виновникот за пожарите кои се случуваат во Прилеп и Македонија, затоа што јас мислам дека поголем дел од пожарите се намерно подметнати. Со тоа се прави огромна материјална штета, изгорен е огромен дел од шумата, изгорени се белите дробови на Прилеп, а понекогаш овие катастрофи придонесуваат и до човечки жртви. Повикувам на совесно однесување на граѓаните надвор од населените места, да се придржуваат до забраната за да не се движат по пределите каде има шума, да не палат оган на отворено и сите оние кои ќе видат сомнителни лица да пријават веднаш во МВР и другите институции“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

IMG_0902

Градоначалникот Ристески истакна и тоа дека тие како локална самоуправа и понатаму будно ќе ја следат целата ситуација, а одредени приватни компании се понудиле со човечки ресурси и механизација доколку имало потреба за тоа. Исто така доколку имало потреба од поголеми интервениции ќе се известела и Дирекцијата за заштита и спасување за да се реагира со авиони и хеликоптери.

IMG_0926

IMG_0934

Инаку засега во Општина Прилеп причинета е огромна штета на нашето шумско богатство каде опожарени се над 500 хектари разновидна шума. За да одново се обноват овие дрвја потребни се да поминат повеќе од 40 години.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.