Германската компанија „Акомпласт“ започна со работа во ТИРЗ – Прилеп

Денеска свечено беше отворен погонот на германската компанија „Акомпласт“, која преку својата фирма ќерка „Инџекшн Молдинг Прилеп“, започна со работа во ТИРЗ Прилеп. Станува збор за реномирана германска компанија која што е специјализиран производител за пластично моделирани делови за автомобили. Ова е единствена фабрика од ваков вид во Западен Балкан. Погонот се простира на околу 1.000 м2, а „Инџекшн Молдинг Прилеп“ произведува делови за најпознатите брендови на автомобили како : Јагуар, Бентли, Волво, Волксваген, Шкода, Крајслер и други. Инвестицијата треба да изнесува неколку милиони евра.

„Од поставувањето на камен темелникот поминаа скоро година и половина интензивна работа. Ни беше потребна многу сила за да се состават сите парчиња и во текот на работата стекнавме нови добри искуства. Тука се произведуваат делови од пластика и метал наменети за автомобилската индустрија. Во моментов се планира и отворање на уште една хала „Инџекшн Молдинг Прилеп“. Им благодариме на нашиот сопственик г-динот Алфред Штиглер и управителот Франк Штефан за отворањето на оваа фабрика. Исто така и благодариме на македонската Влада која отвори доста можности за нас како инвеститори. Исто така голема благодарност и до локалната самоуправа на Прилеп за постојаната поддршка и помош која што ја добивавме“, истакна Инес Андре, управител на „Инџекшн Молдинг Прилеп“.

„Би сакале да им се заблагодариме на поранешниот министер за привлекување на странски инвестиции г-динот Бил Павлески и локалната самоуправа на Прилеп кои ни помогнаа со своите тимови. Со помош на Акомпласт групата и Прокредит банка која ја финансираше нашата опрема и со помош на нашите високо мотивирани вработени почетокот е успешен. Исто така сакам да изразам посебна благодарност на сите кои помогнаа и ќе продолжат да помагаат тука. Како што може да видите има доволно простор за нашите возбудливи идеи и ова е уште една пресвртница на нашата компанија во поновата историја на Македонија. Парите се инвестирани, вработените се обучени и направени се првите нарачки“, кажа Франк Михаелис управител на „Инџекшн Молдинг Прилеп“.

Од германската стопанска комора истакнаа дека Германија е најголемиот трговски партнер на Македонија и дека германските инвестиции тука биле постојано во пораст.

„Македонија е една од ретките земји со трговски суфицит со Германија, односот е 2 : 1. Минатата година обемот на трговија помеѓу Македонија и Германија изнесуваше 2,8 милијарди евра. Стока во вредност од 2,1 милијарди евра била извезена од Македонија во Германија, а стока во вредност од 750 милиони евра била извезена од Германија во Македонија. Бројот на германските инвеститори значително се зголеми во последните години. Многу германски компании го нашле својот пат во Македонија, односно во Македонија има повеќе од 200 компании со германски капитал, кои вработуваат опколу 15.000 лица“, изјави Патрик Мартинс, претставник на германската стопанска комора.

На свеченото отворање присуствуваше и заменик амабасадорот на Германија во Македонија, Марко Акватичи, кој истакна дека Македонија е многу привлечна дестинација за германските инвеститори.

„Ангажманот на „Акомпласт“ тука е само уште еден показател на позитивното мислење на германските компании за Македонија, како локација за инвестирање. Една анкета на деловната клима на германско-македонската стопанска комора покажа дека 85% од германските инвеститори повторно би инвестирале во Македонија. Не е тајна дека македонско-германските односи се добри на секое поле, не само во однос на економијата и некои статистики покажуваат дека околу 100.000 Македонци живеат во Германија“, изјави Марко Акватичи, заменик амабасадор на Германија во Македонија.

Инаку „Инџекшн Молдинг Прилеп“ е втора фабрика која веќе започнува со работа во ТИРЗ Прилеп, претходно тука започна да работи американскиот гигант во автомобилската индустрија „Гентерм“, каде работат околу 1.300 лица, а во тек на градба е и погонот на германскиот ВИК, кој со работа според планот треба да започне на почетокот од идната година.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.