(Видео)КОГА ДЕНЕС БИ ИМАЛЕ ВАКОВ ПОГЛАВАР: Да се потсетиме на едниот и едниствен г-дин г-дин Михаил!

Дел од посланието на Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Михаил

МИХАИЛ, архиепископ (Методи Гогов) (Ново Село, Штип, 20. V . 1912 – Скопје, 6. VII 1999). – архиепископ, четврти по ред поглавар после возобновувањето на Македонска православна црква (1993 – 1999). Дедо Михаил бил свештеник и вероучител, даровит црковен оратор и мудрец, кој ќе остане запаметен по прекрасните беседи. Беше архипастир со евангелско смирение, со апостолска доследност и со Светиклиментов самопрегор. Тој работеше со ист прегор за градење на единството и угледот на МПЦ како дома така и во светот, а беше меѓу првите мисионери во Австралија. Завршил Богословија во Битола, Богословски факултет во Белград и Филозовски (археологија и историја на уметноста) во Скопје. Бил профессор и ректор во Богословијата во Скопје и професор, продекан и декан на Богословскиот факултет. Превел дел од Библијата на македонски јазик, полиглот и автор на повеќе учебни помагала на Факултетот. Неговото присуство во електронските и печатените медиуми направи МПЦ да излезе од изолацијата што ja наметна власта во поранешниот период. Тој е единствениот диховник на кој му било понудено местото претседател на Република Македонија.
Г.Г. Михаил роден е во Ново Село, Штип, во 1912 година, како Методи Гогов. По завршувањето на основното образование, тој во 1927 година запишал Богословија во Битола. Во 1932 година заминал на студии во Белград на Богословскиот факултет. По завршувањрто на студиите во 1936 година, станува парохиски свештеник во црквата Св. Никола во Штип. За време на Втората светска војна, Михаил бил учесник во народноослободителната војна, а при крајот на војната бил член на АСНОМ. Учествувал и во организирањето на Првиот црковно-народен собир во Скопје на 3, 4 и 5 март 1945 година, на кој присуствувале 300 учесници, свештеници и мирски лица.
Михаил се залагаше за самостојност на МПЦ во времето кога тоа беше грев, па во два наврати одлежа над шест години затвор. Бил осуден и затворен од тогашната власт заради идеите за национална, социјална и духовна слобода на македонскиот народ. По шест месеци бил ослободен, но за кратко. Во 1948 година повторно бил уапсен и осуден на 5,5 години затворска казна. И покрај сите притисоци и закани да се откаже од свештеничкото служење, дедото Михаил останал цврст во своите ставови и продолжил да служи како свештеник во Скопје.

Претседателот на МПЦО “Свети Климент Охридски“ од Берлин, Мане Јаковлески со поглаварот на МПЦО г.г.Михаил, 26.02.1994г. Дортмунд- Германија

 

Делегација на МПЦО “Свети Климент Охридски“ од Берлин со поглаварот на МПЦО г.г.Михаил и неговото Високопреосвештенство г. Стефан. 26.02.1994г Дортмунд- Германија
Дедо Михаил бил меѓу првите мисионери во Австралија. Бил испратен во 1966 година, а се вратил при крајот на 1970 година. По неговото враќање бил назначен за ректор на Македонската православна богословија, каде предавал англиски јазик, омилитикам и пастирско богословие. Покрај англискиот зборувал француски, руски и се служел со повеќе живи класични јазици. Харизматичниот дедо Михаил ќе остане запаметен како неповторлив професор по омилитика (црковно ораторство).
Од 1972 година бил генерален секретар на Македонската архиепископија, а за архиреј бил хиротонисан на 25. 12. 1988 година. Неговото Блажество Г.Г. Михаил е познат е по тоа што несакал да ги чита своите богослужбени слова, но е запаметат по неговото ораторство со кое ги надминуваше сите архиереји. Како образован и начитан човек умеел со своите беседи да проникне во душата на македонскиот народ, а заедно со нив доживеа да ужива во плодовите на независноста на Република Македонија.
Дедо Михаил како епархиски архиереј, Митрополит повардарски, со божја волја бил избран за поглавар на македонската православна црква на 4.12.1993 година. Архиепископот Михаил доаѓа на чело на МПЦ две години по осамостојувањето на Македонија која како држава требаше да докаже дека овој народ има своја државотворност, своја историја и своја црква. Како божји гласноговорник, моќен оратор и беседник, кој се залагаше за автокефална Македонска православна црква, македонскиот православен народ во него гледаше со надеж и полна доверба дека во спорот со СПЦ нема да ја премине црвената линија на достоинството на Македонската православна црква. Овој мудар белобрад старец, како што го нарекуваа во Црквата, беше единствениот духовник на кого му е понудено местото на претседател на државата. На почетокот на деведесетите години дедото Михаил требаше да биде еден вид македонски Макариос, претседател во мантија, но тој се откажа од овој предизвик несакајќи да ја замени црковната со државничка позиција.

Дедо Михаил бил ревносен богослужител, пријатен соговорник и внимателен кон секого. Работеше на градење на единството и угледот на МПЦ, дома и во светот. Свесен дека без сплотеноста на неговите браќа архиереи – митрополити на МПЦ, нема растеж на Црквата, го возобнови работењето на Синодот на МПЦ. Иако беше по чин највисок во јатото, за да се развие сплотеноста на Црквата тој ги слушал своите браќа и соборски ги донесувал значајните одлуки за животворноста на МПЦ. Работел да се зголеми бројот на архиереји, зошто „стадото било големо, а пак овчари биле малкумина“. Токму на барање на Михаил во 1995 година се вратија од Света Гора монасите Наум и Климент, кои подоцна станаа владици. Нивното враќање го овозможи возобновувањето на македонското монаштво, чин со кој се гордее Македонската православна црква.

Како надлежен за Американската епархија, дедо Михаил успеал да ги прибере и сите залутани верници, да ги надмине сите спорови, а со таа овозможи оваа епархија да заживее со полн црковен живот. Сепак тој неуспеал да отпатува за Австралија, затоа што несакал да биде пречекан од поделените, туку од сите обединети верници Македонци. Водел преговори и со преставници на Српската православна црква за воспоставување на духовно единство меѓу двете цркви. Свесен за сложеноста на ова прашање кое го наметнува СПЦ, ќе го остави заветот дека никој нема право да го премине прагот на црвената линија со што би се нарушило достоинството на МПЦ и македонскиот народ и дека секој треба да се заложува за жива и здрава автокефална Македонска православна црква.

За време на неговото архиепископување направени се потребните измени и дополнувања на Уставот на Македонската православна црква, статутите за трите епархии во странство и други црковни закони и норми. Исто така за негово време се збогати издавачката дејност во МПЦ, при што се отпечатени се повеќе богослужбени изданија и книги со богословска содржина. Дедо Михаил сваќајќи ја потребата од новото време, односно од доближување до православните верници и пошироката јавност, беше често присутен во електронските и печатените медиуми, како дома така и во странство. Ваквиот пристап на поглаварот на МПЦ, овозможи Црквата да излезе од гетоизираноста наметната од поранешниот режим, а со тоа и да придонесе за афирмација на Црквата.

Во 1999 година Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Михаил мирно ќе замине на Небеското царство. Погребан е во црквата „Св. Наум Охридски“ во Радишани, а за негов наследник на тронот на Македонската православна црква е избран Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г.Стефан.

Извор: infomax.mk




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.