УЈП воведува нова давачка за граѓаните – Проверете дали ќе важи за вас!

Физичките лица кои оствариле приход над еден милион денари да се регистрираат како ДДВ обврзници е новата обврска која ја наметна Управата за јавни приходи (УЈП). Според законот, секој оној кој нема да го испочитува ова, може да биде казнет со парична казна од 250 до 375 евра, oбјави порталот “Вработување”.

Во образложенијата кои се објавени на сајтот на УЈП стои дека даночни обврзници се правни и физички лица кои вршат стопанска дејност.

– „Во вкупниот промет за регистрација за целите на ДДВ влегуваат приходите остварени врз основа на вршење стопанска дејност, како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорен одбор и слично.“ – се вели во соопштението на Управа за јавни приходи.

За да стане појасно за што станува збор секој оној кој заработил во 2017-та година над 16.200 евра е должен да се регистрира и како ДДВ обврзник. На тој начин за секој остварен приход каде е исклучен персоналниот данк на доход ќе се плаќа и ДДВ од 18 или од 5 проценти. Рокот за регистрација истече пред четири дена односно на 15-ти јануари така да за очекување е да пристигнат и првите казни врз основа на овој закон.