Сите легендарни прекари на прилепчани: Зошто Олга ја викале “демократија”, Петре “хобио”, а прекар имал дури и градскиот часовник

0

Во Прилеп, човек најлесно може да се најде по прекарот. Тој е личната карта издадена од народот. Прекарот е најточната карактеристика на човекот, а чаршијата само го измерила по неговиот физички изглед и по духовното во него.

Прекарите се негуваат како име и презиме што се носи цел живот. Дури и кога човекот умира, прекарот останува да живее.

Потврда за тоа дека прекарот е поважен од името е приказната од пред педесетина години пренесена од починатиот актер и собирач на народни мудрости Благоја Алексоски – Глумецо, кој собра 11 илјади прекари и ги овековечил во книга.

-Некој битолчанец дошол во Прилеп да го бара Темелко фурнаџијата. Забележал неколку семејства кои речиси на улица нижеле тутун и ги прашал каде може да го најде.

Никому од тутунарите не му текнувало кој човек се бара, па затоа Марија, една од тутунонижачките, прашала кој му е прекарот на Темелко фурнаџијата.

Битолчанецот í рекол дека му е непријатно да каже, но откако видел дека нема чаре, изустил дека фурнаџијата го викале Пичкарот. Тутунарите веднаш му кажале како да стигне до бараната личност – пишува во книгата Алексоски.

Некогаш е тешко да се дојде до корените на прекарите, бидејќи за секој е врзана некоја приказна.

Еве што може да се прочита во книгата. Старо влашко семејство, чии корени се паметат од пред 250 години, ги викале Царулевци.

Прекарот го добиле по однесувањето и изгледот на еден член од ова семејство. Ордан варошанецот бил многу кибар човек.

Се облекувал убаво, не жалел пари за алишта, па варошани велеле: ,,Видете го, облечен е како цар, Царуле,,. Оттогаш сите во семејството по него се викале Царулевци.

Во градо живеела некоја Олга, која ја знаеле како Демократија. Во генезата се открива дека во земјите каде што е забранета проституцијата нема демократија, а Олга се противела со зборовите дека никој не може да и забрани да си ја продава дундата, била нејзина и што сакала ќе си правела, дека не била сапун да се потроши.

Велела: ,,Кога може некој загулен политичар да продава лаги како вистини, зошто да не можам да си го продавам она што е мое,,. Така го добила прекарот – Демократија.

Прекарите најчесто се плод на мајтапење. Така извесен Трајко, сакајќи да го изигра продавачот, влегол во продавницата и му рекол на продавачот: “Навистина добивте дрвени шпорети по најнова мода?”. Од тогаш го завикале Трајко Дрвено Шпоре.

Петре Хобио го добил прекарот откако се натегал со некој полицаец. “Крадам од хоби”, му велел Петре на полицаецот. “Ајде де, крадеш од хоби. Ти од мене будала ќе правиш. Си се излагал брат, кај мене тоа не пали”, му рекол полицаецот. “Ама нема тука никаков виц, навистина крадам од хоби”, тврдел Петре. “Добро бе мочко еден, кажи ми каде има фабрика или претпријатие што се вика хоби”, го прашал полицаецот, а од оваа случка на Петре му останал прекарот Хобио.

Глумецо во книгата го забележал и прекарот Тополо. Овој прекар го добивале луѓе неодговорни за својот изглед, па кога ќе се кажело некому Тополо, тоа означувало несреденост, неодговорност.

Прекарите не се ставале само на луѓе. Прекари добивале и места и животни, а прекар добил дури и градскиот часовник. Него го викаат Прчикур. Еснафот во чаршијата го крстил зашто Саат кулата е висока 38 метри. Потсетувала на симбол на машкост, исправеност, непокорност и инает. Прчикурот не е само декор, туку е сведоштво за богатиот дух.

И други места имаат прекари. Сарика е месност со многу ниви со тутун, лозја и бавчи. Името Сарикаа значи место каде што рикаат магарињата. Тука сите луѓе доаѓале со магариња и ги врзувале додека тие работеле по нивите, па кога ќе зарикале уште од далеку се слушал магарешкиот хор.

И авторот на книгата за прекарите Благоја Алексоски чаршијата го крстила со друго име. Тој го добил прекарот Глумецо како актер во театарот, кој во пензионерските денови ги запишуваше прекарите на прилепчани.

Тој забележал дека Прилеп располага со одлично тесто за вајање ликови. Затоа се трудел ова богатство да не остане заборавено, зашто многу од нив зборуваат и за денешното време.

 

Извор: “Неделник Зенит”