“СЛАВАТА НЕ МЕ ИНТЕРЕСИРА, ЈАС СУМ СЛУГА НА МОЈАТА РАБОТА” : Еве што зборувал Небојша Глоговац пред 18 години !

Небојша Глоговац, кој на 12 февруари е погребан на Новите гробишта во Белград, е познат како човек кој не го интересираше славата, а можеби најдобро своите ставови за глумата и животот ги опишува во интервјуто од 2000 година.

Во ноември 2000 година Глоговац за магазинот “Време” истакна дека актерите не се важни и дека би било добро во филмот воопшто да не постои “шпица”.

– Сакам за ова да раскажам една теорија која ја разговаравме овие денови во едно кафуле. Би сакал за актерите да не се знае, гледачот да ги следи додека го гледа филмот, но да не е свесен за нивната кариера и биографија. Би сакал гледачот да не ги споредува актерите, какви се сега, а какви биле тогаш. Навистина би сакал на филмот да се гледа како целина за себе.

Дојдов да гледам филм, не ме интересира кој глуми и не знам што правел тој човек претходно. Можеби би било добро воопшто да не постои воведна шпица… актерите не се важни, важен е настанот, важен е филмот и она што се сака да се пренесе преку него.

Таа идеа ми е многу интересна. Можеби некогаш би се формирала некоја авангардна продуцентска куќа би правела филмови без шпица. Моето име не е важно за филмот. На филмот не му е потребен товар од имиња. Јас сакам да сум слуга на мојата работа, не сакам, не ми е потребна биографијата и се што оди со неа- изјави Глоговац кој на интересен начин ја опиша својата кариера.