Прилепските млади поети меѓу најдобрите на Балканот

0

Ерика Јованоска и Борис Ночески, ученици од IX одделение од ООУ„Кире Гаврилоски –Јане“ од Прилеп се единствените млади поети, што ја претставија Македонија на меѓународниот фестивал „Деца поети“ што се одржа на почетокот на февруари во Мостар.

Двајцата со своите лични творби се пласираа меѓу дваесет и двајцата најдобри финалисти на фестивалот. Борис освои трета награда, а Ерика ја освои наградата „најелегична песна“, во конкуренција од 1470 песни од речиси, исто толку млади поети од: Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Грција.

„Беше прекрасно да се биде дел од еден ваков меѓународен фестивал. Имаше многу дружење, преголем број активности. На почетокот бев скептик дека ќе влезам во финалето, но бев прерадосен кога сфатив дека сум и награден“, вели Борис, радосен зашто е добитник на наградата.

Не ја крие радоста ниту Ерика.

„Учествував со мојата лична творба „Тага“. Таа е елегична песна, која зборува за вистински настан. Добив награда. Сакам да се заблагодарам на нашето училиште и на спонзорите, коишто го поддржаа овој натпревар, полн со забава и дружење“, вели Ерика, пренесувајќи ги впечатоците од поетскиот фестивал во Мостар.

Според професорката по македонски јазик, Сузана Николоска, менторка на учениците фестивалот бил збогатен со многу едукативни содржини.

„Фестивалот започна со едукативен час за Алекса Шантиќ. Учениците се запознаа со оваа маркантна личност. А, потоа продолжи дебата на жири комисијата со учесниците. Имаше многу содржини со рекреативен карактер, имаше богата програма, а во тие рамки организирана беше посета на многу значајни споменици. Задоволство беше што можевме да им дадеме скромни подароци на дечињата со посебни потреби во мостарскиот центар. Овие подароци ги подготви нашето училиште, но и учениците со нивните семејства“, додаде менторката Николоска.

Дека Ерика и Борис се навистина талентирани млади поети, говорат и бројните награди што тие со својата менторка Николоска ги освојуваат на многу конкурси и натпревари досега. Гордост се не само за основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“, туку и за градот и за државата.