Патот Градско-Прилеп и денеска блокиран – работниците од “Фени” повторно на протест

0

Поради штрајк на вработените од „Фени Индустри”, патниот правец Градско – Прилеп, кај мотел Дреново ќе биде затворен за сообраќај од 11:00 до 14:00 часот.

Од истите причини овој патен правец беше во прекин и во текот на вчерашниот ден.

Претседателот на Синдикатот Ѓоре Палитов вчера рече дека платите им биле ветени веднаш по отворањето на стечајната постапка, но не ги добиле парите.

Палитов информираше дека протестите ќе продолжат се до исполнување на барањата.

– Бараме да почнеме да работиме, без разлика кој би бил инвеститор. И нормално, да ни се дадат двете заостанати плати, нагласи тој.

На вчерашниот протест беа и транспортери кои превезувале руда за кавадаречкиот комбинат. Тие информираа дека не им е платено од месец март.

– И ние посакуваме што поскоро да дојде инвеститор да не исплати и да почнеме да работиме. Се плашиме да не останиме без пари, рече Душко Пауновски.

Претседателот на транспортерите кои ги имало околу двеста со шеесетина камиони, Трајче Пејовски нагласи дека ќе ги бараат своите пари од банките кои како доверители побарале стечај.

– За еден месец имаме загуба од сто илјади евра. Банките си сметаат камати а ние чекаме додека камионите ни лежат, соопшти тој, информирајќи дека побаруваат околу четири милиони евра.

Транспортерите и вчера најавија дека од следниот протест ќе ги има во поголем број.

Се пропуштаат само итните случаи.