ЛИЧЕН СТАВ НА СВЕШТЕНИК ОД ПРИЛЕП: “ТИЕ ТРЕБА ДА СЕ СРАМАТ”

(Фејсбук статус на Љупче Петрески – свештено лице од Прилеп)

“Ако ги прочитате евангелијата ќе видите дека Христос не ја осудил проститутката туку и’ простил и ја спасил од каменување, а разбојникот на крстот, кој убивал и крадел – го одвел во рајот. Ама кога ги сретнал религиозните лидери, со тешки зборови ги осудувал. Зошто? Затоа што биле лицемери.

Инаку, зборот „лицемер“ значи лице што ја прикрива својата вистинска личност претставувајќи се како добар и добронамерен човек, односно играње или претварање. Значи – глумец.

Глумец или актер, е оној кој, кога ќе застане на бината, глуми нешто што во реалниот живот, всушност не е. Во вистинскиот живот, глумецот може да е неверник, ама на „бината“ може да глуми свет човек.

Сведоци сме дека има многу такви религиозни лицемери. Денес слободно можеме да направиме паралела со некои духовни водачи, во контекст на актуелните случувања со соседните ни Цркви и барањето на МПЦ-ОА пред БПЦ за да не посвоела, да ни бидела ма(ј)ка.

Додека ги пишувам овие редови на кајронот оди текст дека БПЦ прифатила да биде „Мајка“ Црква на МПЦ-ОА, наследничката на славната Охридска Архиепископија, и да ја штити и да се застапува за неа пред другите православни Цркви, на патот до признавањето на афтокефалноста. Тешко лицемерие!

Пред неколку дена прочитавме изјава на еден од архиереите на МПЦ-ОА во која вели дека „најприродна работа е БПЦ да биде мајка Црква на МПЦ“. Со сета понизност на мојата маленкост и неукост јас ќе речам дека не е „најприродна“ работа БПЦ да биде мајка Црква на МПЦ. Најприродна работа е тие да бидат сестрински Цркви уште од поодамна. И не само со БПЦ. Не е природна работа МПЦ-ОА да ги моли останатите Цркви да ја примат во крилото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Јас не гледам која е насушната потреба и оправданоста на ова „коленичење“ само за да бидеме признаени како афтокефални? Која е цената? Што ние како Црква би добиле со признавањето, а што немаме сега? А треба да се има предвид и што можеме да изгубиме? Добро, ако не’ признаат ќе имаме комуникација со нив, ќе можеме да сослужуваме, да учествуваваме на собори, кои не се одржуваат, и што друго?

Можеме и без тоа. Како досега, така и отсега. Ние живееме како афтокефална Црква. Ние сме жива Црква која се раководи според каноните и ги чува догмите и учењето Христово, можеби и повеќе од некои други афтокефални Цркви. Имаме домороден црковен клер со апостолско преемство, варевме св. Миро, имаме Устав, црковно судство, имаме верници во храмовите, имаме светители. Се’ што подразбира една жива Црква.

Зарем Св. Дух не обитава во нашата Црква и вака непризнаени. Зарем Господ Исус Христос не покажал дека не признал со тоа што имаме светители, имаме реки од причесници во храмовите, каде се слави името Господово? Што ако не’ признаат соседните ни Цркви? Тогаш Христос повеќе ќе не признае?

Ако утре Христос се „прошета“ и ги посети верските водачи на православните цркви, не мислам дека нас ќе не праша и осуди зошто не сме признаени и афтокефални туку нив ќе ги запраша и осуди: „Зошто упорно ја отфрлате македонската Црква и верниот и’ народ кој ме носи во срцето?“ – и што би одговориле? Кои оправдувачки причини би ги навеле, а да бидат во духот на Христовото учење?

Немаат такви причини. Би требало да се засрамат. Ама би требало! Целата православна екумена треба да се срами затоа што МПЦ-ОА не е во единство со нив. Не треба ние, туку тие треба да се срамат што не сме во заедница со нив.

Во духот на Христовото и апостолското учење, во духот на христијанската љубов, ние одамна требаше да бидеме нивна сестринска Црква, без да има потреба некоја од нив да биде наша мајка. Тие треба да се срамат што си дозволиле такво нешто.

Тие ТРЕБАШЕ од поодамна, со раширени раце да не пречекаат во крилото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква и да се радуваат на тоа. Треба да се срамат што на една Црква, наследничка на славната Охридска Архиепископија, која патем не била укината од црковна власт ами од нехристијанска државна власт, преку која и тие биле покрстени и биле описменети, која родила мноштво светители, гледаат како на расколничка Црква.

Во случајов, МПЦ-ОА треба да биде мајка Црква, тоа сите многу добро го знаеме. Ова не го велам од национал-романтичарски побуди, туку тоа е проста констатација. Па тоа и врапците го знаат.

Треба да се срамат и за тоа што наши верници не сакаат да ги причестуваат во нивните храмови (иако има и такви свештеници и епископи за кои не е пресудно дали некој припаѓа на признаена или непризнаена Црква, за да му даде Света Причест).

Тоа ли е во духот на Христовото учење? Не, тоа е во духот на лицемерието, кое Христос најостро го осудил. Па така, Бог во својата премудрост, ќе знае кого да осуди: тој што не му било дадено да се причести или тој што не дал причест.

Тие на нас гледаат како на обезглавена Црква. Но тоа е поради гурелките во нивните очи. Ние не се чувствуваме обезглавени. Ние знаеме и чувствуваме дека Христос е главата на нашата Македонска Православна Црква-Охридска Архиепископија.

Ние гоуваме духот на апостолот Павле, духот на Јустинијана Прима, духот на светите Кирил и Методиј, Климент и Наум, духот на Охридските архиепископи, духот на епископите возобновители на Охридската Архиепископија, на свештениците, на монасите, на ктиторите, на светителите, на верниот народ кој со векови се трудел и успеал да ја зачува верата, јазикот и идентитетот иако постојано бил под крвнички притисок да се откаже од нив токму преку овие „душегрижнички“ соседни ни Цркви.

И сега, ние како Црква, коленичиме пред таквите лицемери, за тие да не’ признаат?! Тие што со децении се обидувале да не’ избришат како народ? Која е цената на нашето коленичење? Што ако утре, еве не признаат, иако тоа, очигледно, нема да биде лесно? Ќе сослужуваме со тие лицемери, кои денес не не’ признаваат како народ, ниту јазикот ни го признаваат? Нема ли тоа да биде лицемерно?

Не треба да сакаме такво лицемерно признание, кое што на сите македонци ни е јасно дека е и од политички причини. Не, немаме потреба од тоа. Не сакаме да коленичиме ниту пред БПЦ, ниту пред СПЦ а најмалку пред ГПЦ. Пред никого.

Освен пред Христа! Доволно ни е тоа што Тој не’ признал како Црква и како народ. Ако сакаат да не’ признаат за афтокефални, нека не’ признаат ама тоа да биде од срце, од љубов, како возобновена Охридска Архиепископија во лицето на Македонската

Православна Црква и да не признаат и како народ со сопствен идентитет и јазик.
И најискрено ги замолувам политичките и духовните водачи на македонскиот народ, пред да превземаат било какви чекори во името на нашиот верен народ првин да го слушнат и неговиот глас, да го опипаат неговиот пулс. Доволно е да се прочитаат коментарите од народот на интернет порталите.

Во овие моменти осудата е тешка и за политичките и за духовните водачи. Не одете против гласот на народот, зашто во спротивно ниту политичките водачи ќе можат да водат држава ако народот не стои зад нив, ниту епископите ќе бидат епископи без народ, ниту свештениците ќе бидат свештеници ако нема за кого да богослужат и кого да причестат, ниту ќе можеме да се наречеме Црква, призната или непризната, ако немаме народ. Можеби овој народ не ги знае каноните ама знае што не сака!

Со должна почит, понизно ги замолувам сите, почнувајќи од мојот надлежен архиереј па завршувајќи со верните чеда на МПЦ-ОА, ако грешам поради тоа што ова мое мислење е спротивно на моменталната ситуација и стремежи, но тоа е мое лично мислење и би било лицемерно ако не го искажам, а уште повеќе затоа што овие денови, јас и моите браќа свештеници, кои идентично размислуваат, сме изложени на силен притисок, критики и жигосување од нашите верници, бидејќи, разбирливо, ние го имаме примарниот контакт со нив, па затоа чувствував потреба и должност да го изнесам мојот став за ова прашање.

Простете и помолете се за мене протогрешниот ереј Љупче Петрески.”