ДОДИК КУПУВА ИЛЈАДНИЦИ ПУШКИ: Се спрема ли нова војна во БиХ?

Оружјето на ентитетот на босанските Срби, чиј претседател Милорад Додик одамна се заканува со отцепување од Босна и Херцеговина.

Властите на Република Српска ја правдаат својата нарачка на оружјето со одбраната од потенцијални терористички напади и наведуваат дека нивната полиција тренира со американски, а не со руски сили.

Пратката оружје предизвика голема загриженост во земјата во која јакнат тензиите поради српскиот сепаратизам и други фактори. Како што пишува британскиот весник, Дејтонскиот договор ја заврши војната, но во исто време создаде систем на власт кој ја наградува националистичката политика. Националистичките партии цврсто ја држат моќта во своите одвоени феуди, во кои виреат корупцијата, сиромаштијата и невработеноста. За очајната состојба во БиХ можеби најдобро сведочи фактот за официјално највисоката стапка на невработеност на младите во светот.

Српските активисти, централната влада во Сараево и западните дипломати се уверени дека Додик ќе ја корсти тешко вооружената полициска единица за со сила да ја зацврсти својата позиција пред изборите во октомври, на долгорочно можеби и за отцепување за кое Сараево, Брисел и Вашингтон инсистираат дека не доаѓа предвид. Тоа пак значи ризик од нова војна во регионот.

Република Српска има и сопствена паравоена група, „Србска част“, чии припадници парадираа на улиците на Бања Лука и го посетија парламентот на РС на 9 јануари, на денот на Република Српска. Тврдењата на „Србска част“ дека се само хуманитарна организација ги демантираат нивните сопствени фотографии на социјалните мрежи, полни со оружје, униформи и српски националистички ознаки.

„Тоа е организација на лути мускулести мажи кои владата ги користи за да му се заканува и да го заплашува сопствениот народ. Сепак, овојпат отидоа подалеку од своето вообичаено шоу. Овој пат изгледа опасно“, коментира Александар Трифуновиќ, уредникот на босанскиот портал Бука.

Додик го потврди купувањето на оружјето кое прв го објави сараевскиот весник Журнал. „Тоа е целосно легитимна акција и ние немаме што да криеме. 20 години немавме право да ја опремиме полицијата, сега решивме да го направиме тоа“, кажа Додик.

Високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ Валентин Инско изрази загриженост околу пратката. „Би сакал оваа земја да има што е можно помалку оружје. Ако едната страна набави вакво оружје, и другата страна ќе сака“, оцени тој.

Министерството за внатрепни работи на РС за Гардијан тврди дека неговата полиција „никогаш немала никаков вид обука со руските полициски власти ни во Русија ни во Република Српска, вклучувајќи ги и специјалните сили“. Се додава дека новиот центар за антитерористичка обука кој ќе биде отворен во април, вреден четири милиони долари, се финансира од средства на РС и дека го посетиле американскиот амбасадор и припадници на американските сили во земјата.

infomax.mk