(ВИДЕО) Најбројната и најлојалната навивачка група во Македонија – Црвено-белата боја им е светост, Победа им е прва љубов

Со гостувањето на фудбалскиот натпреварот Борец – Победа во Велес на 12 ноември 1987 година започнува дејствувањето на прилепските навивачи, кои тогаш го носат името „Маркови Внуци” и за брзо време стануваат заштитен знак на секој натпревар на Победа.

На почетокот биле направени неколку транспаренти, меѓу првите во Македонија користеле пиротехника, а биле сместени на почетокот од јужната трибина на стадионот „Гоце Делчев”.

Со осамостојувањето на Македонија нивниот број рапидно се зголемува и се повеќе се угледуваат на странските тифози пред се од Италија.

Во периодот од 1994/1995 година за првпат се направени плетени шалови со натпис што во Македонија било реткост. Гостувањата исто така не им биле непозната страна па освен гостувања во нашата држава успеале да појдат во повеќе градови во поранешната СФРЈ.

Во сезоната 1997/1998 г. доаѓа до смена на генерациите кога било променето и името во „Мајмуни”.

„Маркови Внуци” официјално се повлекле и го отстапиле местото на помладите, но тоа не значи дека тие и престанале да навиваат.

Тие постојано доаѓаат на натпреварите и најчесто се сместени во средината на јужната трибина, имаат свои транспаренти и маици, а во соработка со навивачката група „Мајмуни” доаѓаат и на голем број на гостувања.

Во тој период доаѓа и до формирање на доста популарната подгрупа „Гето”, која го форсира италијанскиот стил на навивање.

Навивачката група „Мајмуни” се сместени на крајниот дел од јужната трибина каде што имаат направено т.н. кафез.

Моментално градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп е во реконструкција, но тоа не ги спречува вљубениците во црвено-белата боја да го поддржуваат својот омилен клуб, па нивниот број често е голем и на стадионот на Могилата на непобедените.

Видеото кое следи во продолжение е дело на прилепчанецот Мартин Пресилски, а преку него може да се види и почувствува целата љубов и поддршка која ја ужива Победа, секогаш и секаде.

А/Г/